Interview within the Conference Emancipation of resistance, organized by NGO Kontrapunkt/Cultural Centre Tochka, Skopje and partners (2013)

Interview  within the Conference  Emancipation of resistance, organized by NGO Kontrapunkt/Cultural Centre Tochka, Skopje and partners (2013)
DNEVNIK, Skopje, Macedonia, http://www.dnevnik.com.mk/

Датум: 15.03.2013, 15:37

 

ИНТЕРВЈУ Марина ГржиниЌ- Мулер, филозоф, истражуваЧ и визуелен уметник

По падот на Берлинскиот ѕид, меморијата треба да се преосмисли

Не треба да се плашиме да користиме големи зборови ако тие најверодостојно ја отсликуваат суштината на појавите, вели Гржиниќ во своето преосмислување на новата реалност во која живееме

Јасна Франговска

Словенечката научничка Марина Гржиниќ минатата недела учествуваше на регионалната конференција „Еманципација на отпорот“, одржана во Скопје. Kако истражувач на Институтот за филозофија при Словенечката академија на науките и уметностите, слободен критичар, куратор и видеоуметник Гржиниќ интензивно ги проучува промените на просторот на некогашна Југославија во рамките на пошироките превирања што ~ се случуваат на Европа, па и на светот.

Нејзините оцени за актуелните случувања на поранешниот ју-простор понекогаш звучат грубо, но бескомпромисно нè соочуваат со другата страна на огледалото, во кое ние и нашата средина не сме секогаш онакви какви што љубиме да се видиме. Притоа, од жестината на оцените не е исклучена ниту една поранешно југословенска република, ниту па поширокиот регион

Kако го видовте Скопје при Вашата минатонеделна посета?

Бидејќи учествував на конференцијата „Еманципација на отпорот“, се прашував пред да дојдам кое е прашањето за отпорот. Си реков дека тоа е прашање на политичките субјекти или, подобро кажано, на процесот на субјективизација на неолибералниот глобален капитализам. Тоа за нас значи да размислуваме како може да се поттурне „отпорот“. За ова ја консултирав меморијата и историјата. Со години и години доаѓав, но сега ми стана сосема јасно дека во современа Македонија гледаме напад – убивањето на историјата и нејзино целосно напуштање.

Македонија е дел од просторот на поранешна Југославија. По паѓањето на Берлинскиот ѕид и во однос на улогата на Европа или поточно на ЕУ во последните децении на овој простор, меморијата и историјата треба повторно да се (пре)осмислат. Притоа треба да се има на ум војната на Балканот, распаѓањето на поранешна Југославија во ’90-тите и времето по воените „монументализации“, како и времето на глобалниот капитализам и конструкцијата на ЕУ како „Тврдината Европа“.

Мојата теза е дека начините на „монументализација“ или „де-монументализација“ на војната од ’90-тите на Балканот (Македонија не е изземена од тој процес – да се сетиме само на настаните од 2001 година) имаат неколку парадоксални патолошки и трагични изрази во политичката и во социјалната сфера. Така треба да се посматраат и спомениците во Скопје. Прво како парадоксално, а веднаш потоа и како психотично организиран социјален и политички простор. Секако дека економијата е надвор од овој како што се чини кич, бидејќи во него нема работни места, туку би рекла пре(терана) кич-меморија и смрт на историјата. Kога велам психотична, мислам на тоа што ваквиот чин ангажира многу луѓе, пари и комплетно ја брише македонската историја, а тоа е краен симптом на неолибералниот глобален капитализам. Накусо, тоа е чисто некрополитичка мерка, смрт на историјата низ прекумерна митологизација на меморијата што е знак на кастриран јавен простор на политичкото размислување, интензивирано со економската криза.

Го посетивте Музејот на револуционерната борба. Дали сега знаете каква била македонската револуција во минатото и кои се актуелните предизвици?

Таму навистина се гледа замената на тој јавен простор со „монументализацијата“ на Скопје и на Македонија. Овој музеј дополнително ја зајакнува кичестата националистичка фабрикација на македонската историја.

Ми се допадна дефиницијата што ја даде еден млад македонски научник кој вели дека тоа е музеј на психозите. Оваа прекумерна монументализација има парадоксален статус, функција на бришење, евакуација на меморијата и историјата. Бидејќи не можете да го посетите музејот самостојно, тоа е и процес на постојана контрола на мислењето, зашто од првиот момент на посетата имате аудиоснимка што ве следи, водич низ музејот кој го коригира секое можно поинакво размислување. Импресивно е да се види бришењето на историјата со таа тотализација која сака да го контролира секој слој во општеството и секое тело, а особено начинот на мислење, па би рекла дека не станува збор за комунистичкиот терор, туку за фашистичко враќање на структурата на општеството за едно тело со еден ум и историја.

Оваа евакуација на историјата низ музеите (кои веќе не се мртви институции што живеат во тишина, туку постојано зборуваат за да го спречат размислувањето) ја има и на други места во светот, но секаде претставуваат напад на историјата генерално. Тоа јас го нарекувам страст за историја до точка на деструкција. Ако францускиот филозоф Алан Баду велеше дека 20 век е век на страст за реалноста, 21 е век на страст за историјата.

Времето и просторот се значајни точки на Вашиот професионален интерес. Естетиката на новото Скопје создаде и нова реалност и нова перцепција за нас, нашиот простор и за нашето минато. Дали е тоа вообичаен процес во постсоцијалистичките држави?

Не би ги нарекла само постсоцијалистички држави. Тие заминаа од историската сцена веднаш по падот на Берлинскиот ѕид и во првите години од декадата на ’90-тите. Исчезнаа во војните на Балканот и во Чеченија, затоа ќе ги наречам турбофашистички држави, мислејќи притоа на Македонија, Србија, Хрватска, Русија, Словенија.

Ќе се повикам на поранешната српска теоретичарка и феминистка Жарана Папиќ, која ги опишуваше процесите во ’90-тите во Србија, нарекувајќи ги турбофашизам. Таа велеше: „Фашизмот е историски термин, а историјата на нацистичка Германија не е иста како Србија на Милошевиќ“. Kако и да е, во постмодернистичките и феминистичките теории, зборуваме за заменливи концепти кога новата епоха наследува некои од дополнителните концепти што припаѓаат на поранешната. Според мене, не би требало да се плашиме од користењето на големите термини ако тие веродостојно отсликуваат одредена политичка реалност. Српскиот фашизам имаше свои сопствени концентрациони кампови, своја сопствена систематска репрезентација на насилство наспрема Другите, свој сопствен култ на семејството и култ кон лидерот, што е експлицитно патријархална структура, култура на индиферентност наспроти исклучувањето на Другиот, затворање на општеството само во себе и врз основа на своето минато. Тоа имаше табу кон емпатијата и табу кон мултикултурализмот, имаше моќно медиумско дејствување како застапник на геноцидот, имаше националистичка идеологија, епски менталитет на слушање на зборот и потчинување на авторитетот. Префиксот турбо, пак, се однесува на специфичниот микс на политика, култура, ментални сили и пауперизација на животот во Србија, микс на руралното и урбаното, предмодерна и постмодерна, поп-култура и хероин, реалност и виртуелност, мистичност и нормалност итн. Во овие рамки, наспроти наивните и невини појави, сè уште постои фашизам во вистинска смисла. Kако сите фашизми и турбофашизмот вклучува и прославува пејоративни преименувања, отуѓувања и најпосле отстранувања на другите – Хрвати, Босанци, Албанци или други.

Овие забелешки звучат предупредувачки. Треба ли да се посматраат како одговор на некои поглобални појави?

Да, овој турбофашизам на просторот на поранешна Југославија се поврзува со други погенерални процеси што се случуваа по 2001 година и кои шпанскиот теоретичар Сантјаго Лопез Петит ги нарекува промени од нација – држава во војна – држава. Во суштина, овие промени значат дека поранешните империјалистички капиталистички колонијални држави, таканаречени први западноевропски држави и САД, се трансформираат во војна – држави. Во исто време, постсоцијалистичките држави или неолибералните турбофашистички држави се само нации-држави без суверенитет во пошироките меѓународни рамки (погледнете ја приказната со името на Македонија и нејзиниот смрзнат статус со децении), но имаат моќ да контролираат и систематски да го туркаат теророт како евакуација на историјата внатре во своите граници, тоа значи само културно. Национализмот игра значајна улога, но е атавистички како идеологија и рурален, па ги има само овие црти на митологија и на кич.

Македонија и Словенија имаа релативно мирна транзиција кон капитализам по распадот на заедничката држава, а сега се соочуваат со немири и појави на разни национализми и ксенофобии. Зошто? Kако ги објаснувате овие искуства?

Турбофашизмот е резервиран за овие региони што излегуваат од некаква воена ситуација. Тоа е фашизам во експлозија и со екстремно брзи процеси на социјална дерегулација, препишување на историјата и сл. Македонија е нација-држава како и Словенија. Во Словенија, веројатно знаете, имаме приказна за 30 илјади луѓе од поранешна Југославија кои се избришани, живи или мртви, но без документи. Низ ова се провлекува како специфичен белег и начинот на кој се справуваме со социјалниот и со политичкиот простор, прашањето за другите и за историјата, што јас го нарекувам процес во релација со постсоцијалистичките држави на поранешно југословенскиот контекст на турбофашизам. Војна – државите, пак, се поранешните империјални колонијални држави, за разлика од овие нации –држави што не се суверени, но се своевидни биополитички машини што ја контролираат културата и водат сметка низ економскиот и правниот систем да ги следат регулациите воведени од војна – државите. Ова има последици врз начинот на живот. Тоа е уверувањето дека начинот на живот треба да води грижа за луѓето што во латинскиот се означува со префиксот „био“ – затоа зборуваме за биополитика. Но, важи само за неолибералните државни институции и политичката елита, додека социјалното е сè повеќе напуштано како концепт. Тоа за граѓаните и за неграѓаните со текот на времето станува вид мртва територија, затоа ние можеме да зборуваме за нов начин на живот и негово менаџирање во неолибералниот глобален капитализам што го нарекуваме некрополитика – од „некро“ што означува смрт. Така, можеме да зборуваме за животот и за државната организација во Македонија како истовремен процес на дерегулација помеѓу овие две политики – биополитика и некрополитика. Во целото отсуство на социјални, образовни и економски знаци на сигурност имате биополитичка машинерија за регулирање на меморијата во јавниот простор.

Со тоа наеднаш просторот на меморијата станува чиста некрополитичка територија и можеби е можно да се мисли за Македонија и за Словенија како некрополитичка држави. Во Словенија, освен тие 30 илјади избришани луѓе, имаме и колапс на социјалниот систем, 20 отсто невработени и, згора на сè, и хомофобија и расистичка реалност.

Самоорганизирање во Виена

Бегалците бараат еднаквост во нееднаквата Европа

Движењето и барањата на бегалците се од историско значење, вели Гржиниќ, која интензивно ги следи протестите на бегалците во Виена, кои месецов од паркот што го носи името на Сигмунд Фројд, првпат во поновата историја на човештвото и првпат во бегалската меморија, воопшто, организираа и отворија јавна дискусија за азилантските и човековите права. Ова резултира, пишува Гржиниќ, во создавање политичка платформа со барања за промена на ситуацијата на бегалците во Австрија и во целата ЕУ.

Во март 2012 во Вирзбург, Германија, бегалците почнаа политичка борба за да обезбедат најелементарни човекови права. Од мај 2012 бегалски протести имаше во Данска, Турција, Бугарија, Грција, Франција, Холандија и во Австрија. Протестите во Германија, Холандија и во Австрија создадоа платформа за обединување. Kонгрес на бегалците се одржа на почетокот на март во Минхен, Германија, каде што учесниците разговараа за идните активности, организираа тела и објавија список со политички барања за промена на лошите услови со кои се соочени заедно со барателите на азил.

Барањата на бегалците од Протестниот бегалски камп во Виена се двократни. Еден дел се однесува на подобри животни услови, од адекватна храна до пристоен социјален живот (бегалците се обично целосно изолирани во бегалските центри што им оневозможува социјални контакти). Тие бараат шанса да учат германски и да имаат професионални преведувачи кои би им помогнале со превод на нивните барања кога ќе се најдат во лимбо-ситуација со државната бирократија и кога ќе бидат испрашувани од репресивните државни апарати.

Другиот дел е позначаен – бараат право да останат во земјата и право да работат. Тие сакаат да се образоваат, а не да бидат предмет на државна милост или на некоја невладина организација.

За помалку од една деценија бегалците се најдоа во ситуација на систематско напуштање. Нивните животни услови во ЕУ прогресивно се влошуваат. Долго време се систематски принудувани на осиромашување, лишување и изолација. Тие беа жртви и на процес на расна дискриминација.

Наеднаш одлучија да ја променат ваквата ситуација. Започнаа не само со поставување барања туку исто така и со застапување за политичка еднаквост во просторот на превоспоставувањето на политичката, социјалната и економската нееднаквост во ЕУ. ЕУ преживува на постојана репродукција на нееднаквоста, која е аксиом на неолибералниот глобален капитализам. Бегалците го скршија предусловениот простор на политиката, во кој само однапред определените актери, да речеме граѓани, имаат видливост, земени се сериозно и прашувани за демократските права. Правејќи го тоа, бегалците го реполитизираат и реартикулираат просторот на Европа, воведувајќи го аксиомот на еднаквоста во просторот на политичката, социјалната и економската нееднаквост.

Тие не бараат некои права кои само ќе им овозможат да влезат или можеби да партиципираат во сферата на политичкото и социјалното. Тие не се зафатени во старата модернистичка идеја за политиката, чекајќи го своето место во политичката арена само за оние што веќе се сметаат за учесници на политичкиот простор – на пример, нација-државни граѓани со нивните форми на добар живот (добар живот што и за нив, исто така, ќе се влошува во време на криза). Наместо тоа, тие го присвоија просторот што се гледаше како недостапен за нив. Всушност, ги променија координатите на воспоставување и чување на еднаквоста. Го променија севкупниот простор на традиционалната политика. Нивната акција доаѓа како изненадување и се отвора како можност за барање шанса од законите на европските држави. Уште повеќе нивните акции ќе ги присилат невладините организации и активистите да ги поддржат во нивната реорганизација и борба.

(Извадоци од текст на Гржиниќ, посветен на оваа нова политичка артикулација меѓу бегалците во Виена)

Posted in ARCHIVE, interviews

Bilokacija (Bilocation) (1990)

Post-socialism + Retroavant garde + Irwin, video, 1997

Deklica z oranžo (The Girl With Orange) (1987)

Moscow Portraits (1990)

Cindy Sherman or Hysteria Production Presents a Reconstruction of Sherman’s Photographs (1984)

Trenutki odločitve (Moments of Decision) (1985)

Labirint (Labyrinth) (1993)